Mücahit Oktay
09 Септември 2022•Ажурирај: 13 Септември 2022
ЊУЈОРК (АА) - Во американската сојузна држава Тенеси, 4 лица загинаа, а 3 се ранети од лице кое пукало по случаен избор. Напаѓачот бил осуденик за обид за убиство кој е ослободен во март, известува Агенција Анадолија (АА).
Претставници на полицијата на Мемфис соопштија дека напаѓачот, кој бил фатен на крајот од потерата која траела речиси цел ден, пукал по слободен избор кон луѓето на улица и во трговските центри.
Во соопштението наведоа дека напаѓачот убил 4 лица, а ранил 3.
Полицијата информира дека напаѓачот Афроамериканец по име Езекил Кели бил фатен откако удрил со своето возило во автомобил и додаде дека моментите од нападот биле споделени на социјалните мрежи.
Полициската управа на Мемфис за време на нападите од страна на осуденикот кои траеле со часови, преку својот профил на социјалната мрежа Твитер, постојано ја предупредувала јавноста со инстант информации за случувањата во градот, со цел да не се зголеми бројот на жртвите. Од превентивни мерки биле затворени влезовите и излезите на стадионот за бејзбол и на универзитетските кампуси, а услугите во јавниот превоз биле суспендирани.
Серелин Дејвис, началничката на полицијата во Мемфис, на прес-конференција организирана по фаќањето на напаѓачот изјави дека 19-годишниот Кели, поради обид за убиство од прв степен и слични кривични дела бил осуден на 3 години затвор во април 2021 година.
Градоначалникот на Мемфис, Џим Стрикланд, посочи дека напаѓачот Кели бил ослободен во март, 11 месеци по донесувањето на пресудата.
На снимките поврзани со нападите може да се види како Кели зборува пред камерата додека влегува во продавница, а потоа пука во првата личност на која ќе наиде.