Ahmet Gürhan Kartal
09 Септември 2022•Ажурирај: 10 Септември 2022
ЛОНДОН (АА) - Во Велика Британија денеска започна 10-дневна жалост, по објавата на Бакингемската палата вчера за смртта на кралицата Елизабета Втора, јавува Агенција Анадолија (АА).
Многу активности, меѓу кои и работата на Парламентот, се одложени.
Долниот дом на Парламентот нема да работи до 21 септември, но ќе заседава денеска напладне на специјална седница на која пратениците ќе ѝ оддадат почит на покојната кралица.
Долниот дом на Парламентот, исто така, ќе заседава утре (сабота), бидејќи одреден број пратеници ќе му положат заклетва на кралот Чарлс III.
- Спортски настани -
Натпреварите во англиската Премиер лига ќе бидат откажани за време на викендот. Одложени се и натпреварите во шкотската, ирската и велшката лига.
Сите настани поврзани со коњските трки, вклучително и еден од главните настани - Кралскиот Аскот, нема да се одржат по смртта на кралицата.
Овој викенд се одложени и натпреварите во крикет, рагби и хокеј.
- Театри -
Театрите низ земјата најверојатно ќе продолжат со претстави кои ќе се играат со пригушени светла и со едноминутно молчење.
Здружението на Лондонскиот театар и Британскиот театар преку соопштение објавија дека закажаните театарски претстави ќе продолжат и за време на официјалниот период на жалост.
Сите телевизиски програми на големите канали, исто така се изменети поради периодот на жалост.
- Штрајкови -
Сите штрајкови, меѓу кои и планираните активности за денеска, на вработените на „Ројал мејл“ се откажани.
Членовите на Синдикатот на комуникациски работници се откажаа од 48-часовниот марш околу платите и условите за работа.
„По многу тажната вест за смртта на кралицата и од почит кон нејзината служба за земјата и нејзиното семејство, синдикатот одлучи да го прекине штрајкот планиран за утре“, соопшти синдикатот.
Синдикатот на транспортни работници ТССА, исто така, го откажа својот штрајк за цел септември и ќе го почитува периодот на јавна жалост. Членовите на „Аванти вест коаст“, исто така, имаа закажан тридневен штрајк, за 15-17 септември.
Членовите на синдикатот за железница, поморство и транспорт, исто така, требаше да штрајкуваат меѓу 15 и 17 септември, но соопштија дека штрајкот е откажан.