Rabia İclal Turan
19 Декември 2023•Ажурирај: 20 Декември 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) објавија дека се „длабоко загрижени“ поради насилниот напад на израелските војници врз фоторепортерот на Анадолу, Мустафа Алхаруф, во Источен Кудс (Источен Ерусалим) и повикаа на истрага, јавува Анадолу.
„Го видов видеото. Длабоко сме загрижени од вознемирувачките слики за употреба на сила против новинари прикажани на тие видеоснимки“, рече портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, одговарајќи на прашањето на АА во врска со нападот врз Мустафа Алхаруф.
„Сметаме дека е соодветно луѓето на снимката да бидат под истрага“, рече Милер, додавајќи дека, доколку е соодветно, инволвираните луѓе треба да одговараат.
Милер нагласи дека САД очекуваат војските низ светот да преземат соодветни мерки кога војници поединци ќе извршат дела што го прекршуваат меѓународното хуманитарно право.
Инцидентот се случи кога група Палестинци се собра во населбата Вади ал Џоз во близина на џамијата Ал Акса на петочна молитва за време на тековните ограничувања воведени од израелската војска.
На видеоснимката од инцидентот се гледа како израелски војник го удира Алхаруф со пушка, а потоа го фрла на земја, каде што го удира и клоца во главата.
Алхаруф, кој беше тешко претепан по лицето и делови од телото, со возило на брза помош беше пренесен во болницата Макасед.
Израелските власти објавија дека полицајците што се гледаат на видеоснимката од нападот на Алхаруф се суспендирани.
Меѓутоа, израелскиот министер за национална безбедност од екстремната десница, Итамар Бен-Гвир, разговараше со полицаецот што го нападна Алхаруф во саботата и вети дека ќе го врати на должност „колку што е можно поскоро“.
На прашањето за останатите коментари на Бен-Гвир, Милер рече дека не ги видел.