свет

САД со помош од 81 милион долари за Судан, кој е во фаза на нормализирање на односите со Израел

Интересен е фактот дека помошта дoaѓа веднаш откако Судан и Израел започнаа процес на нормализирање на односите

Hakan Çopur  | 25.10.2020 - Обновена : 26.10.2020
САД со помош од 81 милион долари за Судан, кој е во фаза на нормализирање на односите со Израел

ВАШИНГТОН (АА) - Администрацијата на Соединетите Американски Држави (САД) соопшти дека на Судан, кој е во фаза на нормализирање на односите со Израел, ќе му биде доделена хуманитарна помош во висина од 81 милион долари, јавува Агенција Анадолија (АА).

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, во писмено соопштение најави дека на Судан ќе му бидат испратени 81 милион долари како помош во борбата со хуманитарната криза со која се соочува земјата.

Помпео истакна дека со најновата одлука, најавената хуманитарна помош, со цел ублажување на ефектите од кризите во Јужен Судан и регионот, ќе достигне 436 милиони долари.

Оваа објава за американската помош на Судан го привлече вниманието бидејќи доаѓа веднаш по започнувањето на процесот за „политичка нормализација“ на односите меѓу Судан и Израел.

- И Судан меѓу земјите кои ги нормализираа односите со Израел -

Долгогодишниот процес на заткулисни контакти меѓу земјите од Заливот, особено меѓу Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Израел, стана јавен откако американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Израел постигнал договор за нормализација на односите со ОАЕ на 13 август, а со Бахреин на 11 септември.

На официјалната церемонија одржана во Белата куќа на 15 септември беа потпишани договори за „нормализирање на односите“ на ОАЕ и Бахреин со Израел.

Трамп во своето обраќање од Овалната соба во петокот објави дека и Судан постигнал договор со Израел за склучување мир и за нормализирање на односите.

Непосредно пред оваа изјава дадена во Белата куќа, Трамп потпиша одлука со која Судан се отстранува од списокот на „држави што го поддржуваат тероризмот“.

Наведениот чекор е преземен веднаш откако Судан се согласил „да им исплати 335 милиони долари на жртвите на тероризмот“, по што е упатена благодарност до администрацијата на Картум за покажаното разбирање.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın