Hakan Çopur
17 Февруари 2022•Ажурирај: 17 Февруари 2022
ВАШИНГТОН (АА) ‒ Американските власти тврдат дека изјавата на Русија дека повлекла дел од своите војници од украинската граница не е точна и дека Москва испратила дополнителни 7.000 војници на границата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Американски претставници, чии имиња не се откриени, преку видеоконференција ги информираа медиумите во врска со настаните во Украина и ги негираа тврдењата на Москва дека „војниците се повлекуваат“.
Американскиот висок претставник тврди дека изјавата на Русија дека повлекла дел од своите војници од украинската граница не е точна и дека од неодамна Москва испратила дополнителни 7.000 војници на границата.
Претставникот, исто така, тврди дека рускиот претседател Владимир Путин се подготвува за војна, спротивно на неговите изјави дека е отворен за дипломатија.
„Пред јавноста истакнуваат дека се отворени за разговори и тврдат дека ги намалуваат тензиите, но истовремено тајно се подготвуваат за војна“, истакна американскиот претставник.
И американскиот државен секретар Ентони Блинкен во вчерашната изјава рече дека немаат наоди за да ги потврдат тврдењата на Русија дека ги повлекува војниците од границата.
„Русија има нешто што кажува, а има и нешто што прави. Не видовме никакво повлекување на нејзините единици. Тие остануваат многу заканувачки вдолж границите на Украина. Добро би било ако го практикува тоа што го кажува. Но, тоа досега не го видовме“, рече Блинкен.
Американскиот претседател Џо Бајден пред неколку дена изјави дека на руско-украинската граница има околу 150.000 руски војници.