свет

САД против прекинот на огнот, го поддржува продолжувањето на хуманитарната пауза

- Американската администрација порача дека ќе го поддржи продолжувањето на хуманитарната пауза

Michael Gabriel Hernandez  | 01.12.2023 - Обновена : 02.12.2023
САД против прекинот на огнот, го поддржува продолжувањето на хуманитарната пауза

ВАШИНГТОН (АА) - САД вчера продолжија да се противат на трајниот прекин на огнот со кој би се ставил крај на непријателствата во опколениот Појас Газа, известува Анадолу.

Американската администрација порача дека и понатаму ќе го поддржува продолжувањето на хуманитарната пауза.

„Не го поддржуваме трајниот прекин на огнот. Во овој момент ја поддржуваме идејата за хуманитарна пауза“, рече за новинарите Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД.

„Сакаме да видиме дека оваа седумдневна пауза продолжува и осми ден, деветти, десетти и така натаму. На крајот, тоа ќе ги натера Израел и Хамас да се согласат со параметрите за продолжување на договорот и во САД ќе најдат застапник за негово продолжување“, додаде Кирби.

Четиридневната хуманитарна пауза за која посредуваше Катар стапи на сила на 24 ноември, петок, со што привремено беа запрени израелските напади на Појасот Газа и вклучи ослободување на Израелците од страна на Хамас во замена за ослободување на Палестинците од израелските затвори.

Во понеделникот вечер Катар објави договор за продолжување на почетната четиридневна пауза за уште два дена, а потоа таа е дополнително продолжена за уште 24 часа.

Во рамките на договорот за размена на заробеници и затвореници во состав на хуманитарната пауза постигната меѓу Израел и Хамас, досега се ослободени 75 израелски заробеници од Појасот Газа и уште 210 палестински затвореници од израелските затвори.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.

Оттогаш се убиени повеќе од 15.000 Палестинци, од кои 6.150 деца и над 4.000 жени, објавија здравствените власти на палестинската енклава.

Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.

„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.