Gizem Nisa Çebi Demir
26 Февруари 2026•Ажурирај: 26 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Првата дама на Соединетите Американски Држави (САД), Меланија Трамп, следниот месец ќе претседава со седницата на Советот за безбедност на ОН, што претставува историски преседан додека САД го преземаат ротирачкото претседателство со Советот, објавија американските медиуми, пренесува Анадолу.
Состанокот закажан за 2 март во седиштето на Советот за безбедност на ОН во Њујорк, ќе биде фокусиран на темата „Децата, технологијата и образованието во конфликти“, обединувајќи ги земјите членки на Советот и меѓународните чинители, вклучувајќи го и амбасадорот на САД во ОН, Мајк Волц, објави вчера „Си-ен-ен“.
Во соопштението од Кабинетот на првата дама се наведува дека седницата има за цел „да ја нагласи улогата на образованието во унапредувањето на толеранцијата и светскиот мир“, додавајќи дека, „лидерството на г-ѓа Трамп ќе го одбележи првиот случај актуелна прва дама на САД да претседава со Советот за безбедност додека неговите членки разгледуваат прашања поврзани со образованието, технологијата, мирот и безбедноста“.
Иницијативата се совпаѓа со нејзините неодамнешни заложби поврзани со децата погодени од војната меѓу Русија и Украина, вклучително и со напорите за повторно обединување на малолетниците разделени за време на конфликтот.
Таа неодамна го најави враќањето на неколку украински деца и едно дете од Русија кај нивните семејства, кауза што ја промовира за време на вториот мандат на претседателот Доналд Трамп.