Servet Günerigök
01 Март 2022•Ажурирај: 01 Март 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) соопштија дека протеруваат 12 руски дипломати од Обединетите Нации (ОН) поради наводно учество во шпионски активности, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„САД ја информираа руската мисија дека започнуваме процес на протерување на 12 разузнавачки оперативци од руската мисија кои ги злоупотребија своите привилегии на престој во САД, да се занимаваат со шпионски активности кои се штетни за нашата национална безбедност“, објави на Твитер Оливија Далтон, портпаролката на американската мисија при ОН.
Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, исто така објави дека 12 дипломати кои работат во руската мисија во ОН се „разузнавачки персонал“ и дека од таа причина ќе бидат депортирани.
Обраќајќи им се на новинарите во ОН, рускиот дипломат при ОН, Василиј Небензија, рече дека Москва ќе одговори на оваа одлука на САД.
„Затоа што тоа е дипломатска практика која подразбира одговор. Тоа не е наш избор. Ние тоа не го инициравме. И мислам дека ќе уследи одговор, но не е до мене да одлучувам за тоа“, рече Небензија.
Русија од четвртокот е изложена на жестоки критики од Западот, вклучително и од САД, поради нападот врз Украина. Воените дејствија на Москва предизвикаа санкции и глобална осуда.