Ali Cura
28 Февруари 2022•Ажурирај: 01 Март 2022
ГОМЕЛ (АА) - Заврши состанокот на руските и украинските претставници за руско-украинската војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Преговорите меѓу двете делегации се одржаа во градот Гомел на границата меѓу Белорусија и Украина, и траеја околу пет часа.
Преговорите беа одржани со цел ставање крај на судирите и воспоставување примирје во Украина. Делегациите на Русија и Украина се договорија наскоро да одржат втор круг преговори со цел да се постигне прекин на огнот.
Владимир Медински, советник на рускиот претседател Владимир Путин, кој ја предводеше руската делегација, изјави дека разговарале за сите точки од дневниот ред.
„Пронајдовме одредени точки кои можеме да ги разгледуваме за заедничките ставови“, рече Медински.
Истакна дека се договориле за продолжување на преговарачкиот процес.
„Следниот состанок на делегациите на Русија и Украина ќе се одржи во наредните денови на границата меѓу Белорусија и Полска“, додаде Медински.
Истакна дека секоја делегација пред следниот состанок ќе се консултира со својот шеф на државата.
Михаил Подољак, заменик-шефот на Кабинетот на претседателот на Украина, ја предводеше украинската делегација.
„Главното прашање на преговорите беше прекинот на судирите на територијата на Украина и воспоставување примирје“, рече Подољак и додаде дека страните изнеле низа прашања.
Тој исто така истакна дека страните се сложиле да одржат втор круг преговори во блиска иднина.
Белорускиот министер за надворешни работи, Влаимир Макеј, од своја страна изјави дека смета дека преговорите меѓу Русија и Украина се исклучително важни.
„Од завршните зборови на делегациите можете да видите дека се постигнати некои претпазливи и оптимистички договори. Драго ни е што тоа се случува на белоруско тло, бидејќи Белорусија е подготвена на сè за да изнајде начини за решавање на сите кризи и проблеми“, истакна Макеј.