Burcu Çalık
15 Ноември 2017•Ажурирај: 16 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Бурџу Чалик - Повеќе од девет милиони странски туристи го посетија Истанбул во првите десет месеци од оваа година, велат податоците од турското Министерство за култура и туризам, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерството објави извештај во којшто се наведуваат податоци од аеродромот „Ататурк“ и „Сабиха Ѓокчен“, како и пристаништата Хајдарпаша, Пендик, Тузла, Зејтинбурну, Амбарли и Каракој.
Според овие податоци, Истанбул од почетокот на годината го посетиле над 9,1 милион странски туристи. Во истиот период минатата година бројот на странски туристи изнесуваше 7,8 милиони. Забележан е пораст од 16 отсто кога станува збор за странските посети на Истанбул.
Само во октомври овој град го посетија повеќе од 1,1 милион странски туристи, што споредено со истиот период минатата година, кога Истанбул го посетиле 790.951 туристи, бележи пораст за 42 отсто.
Податоците од 2017 година се приближни до оние од 2015 година, кога овој град го посетија 10,7 милиони туристи. Порастот е забележан и во воздушниот сообраќај. Минатата година, во Истанбул користејќи го авионскиот превоз пристигнале повеќе од 7,8 милиони странски туристи, а во првите десет месеци од оваа година над 9,9 милиони.
Најмногу странски туристи во посета на Истанбул пристигнале преку Меѓународниот аеродром „Ататурк“, 7,1 милиони, а преку аеродромот „Сабиха Ѓокчен“ 1,9 милиони.
Во првите десет месеци од оваа година, овој турски град најмногу е посетен од туристите од Германија, потоа од Иран, Саудиска Арабија, Ирак и од Русија. По Русија следи Велика Британија, Франција и Америка.
Исто така, забележан е и пораст на бројот на туристи од Русија, во однос на истиот период минатата година, за околу 64 отсто. Регистриран е и пораст на туристи од Кина во споредба со истиот период минатата година.