Gülbin Yıldırım
03 Август 2016•Ажурирај: 04 Август 2016
ВАШИНТОН (АА) - Се тврди дека 400-те милиони долари што САД минатиот јануари ги испрати во Иран биле наменети за „таен" откуп на 4 американски граѓани, јавува Anadolu Agency (AA).
Весникот „Волстрит журнал“ (WSJ), во својата вест што се темели на информациите од одговорни лица од Европа и од САД, кои сакале да останат анонимни, напиша дека минатиот јануари, САД му исплатил на Иран 400 милиони долари за 4 американски државјани, меѓу кои се наоѓал и новинарот на „Вашингтон пост“, Џејсон Ризаиан.
Во веста станува збор за уплатата на првата рата на главницата од 400 милиони долари. Поради санкциите врз Иран и забраната за користење долари, исплатата била извршена во други валути, меѓу кои место наоѓаат и еврата и швајцарските франци.
Министерот за надворешни работи на САД, Џон Кери изјави дека на Иран му се исплатени 400 милиони долари од средствата замрзнати во 1981 година, кои Иран ги уплатил за купување воен авион од САД. Вкупната вредност на средствата, кои со камата треба да му бидат вратени на Иран изнесува 1,7 милијарди долари.
Наспроти ова, интересен е фактот што дента кога министерот Кери ја даде оваа изјава, Иран на слобода пушти 4 американски граѓани. Во иранскиот печат имаше и написи дека САД ги уплатил овие пари за да бидат ослободени американските граѓани.
- „Беше направена спогодба за животите на Американците" -
Некои републиканци во САД сметаат дека Белата куќа направила спогодба за ослободување на уапсените Американци во Иран. Сенаторот од Арканзас, Том Котон, го обвини претседателот на САД, Барак Обама: „Со исплатата од 1,7 милијарди долари на Ајатолахот за американските заробеници, давате повод за апсење на поголем број Американци“.
Администрацијата на Обама призна дека од нив бил побаран откуп за заробените американски граѓани, но го брани ставот дека плаќањето не е направено за таа цел.
Од друга страна, американскиот Конгрес соопшти дека барајќи појасни информации во врска со оваа тема, работат на нацрт-законот со кој ќе се спречат дополнителни плаќања кон Иран од страна на администрацијата на Обама.