İdris Sülün
28 Мај 2021•Ажурирај: 29 Мај 2021
АНКАРА (АА) - Началникот на Генералштабот на Американската армија, генерал Марк Мили, соопшти дека се прават брзи планови за евакуација на Авганистанците кои работеле за американската војска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според јавувањето на „Би-би-си“ (BBC), генералот Мили истакна дека значителен број авганистански преведувачи и вработени кои помагале на Соединетите Американски Држави (САД) може да бидат цел на талибанските милитанти.
Наведувајќи дека многу Авганистанци кои работеле за САД и коалицијата може да бидат изложени на ризик, Мили рече дека се прават планови брзо да се евакуираат Авганистанците кои работат за американската војска, вклучително и преведувачите.
Тој истакна дека е потребно да се обезбеди заштита на авганистанските преведувачи и вработени, и дека за тоа прашање е заинтересирано Министерството за надворешни работи.
Околу 18.000 авганистански државјани имаат поднесено барања за визи за имиграција во САД, и со години чекаат одговор на нивните барања.
- Процесот на повлекување на САД од Авганистан -
Администрацијата на САД на 29 февруари 2020 постигна договор со талибанците за повлекување на американските трупи од Авганистан од 1 мај 2021 година.
Сепак, администрацијата на претседателот Џо Бајден информира дека сите воени сили целосно ќе се повлечат до 11 септември.