Betül Yürük
24 Јуни 2020•Ажурирај: 26 Јуни 2020
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) – Додека 14-те земји во Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) ја споделија загриженоста дека Израел ќе го прекрши меѓународното право со анексија на окупираниот Западен Брег, постојаната членка на Советот, Соединетите Американски Држави (САД), со својот молк за ова прашање остана сама во меѓународната заедница, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Разбирам дека многумина од вас се загрижени за потенцијалното проширување на Израел на Западниот Брег, но ние, исто така, од вас сакаме да барате одговорност од палестинското раководство за нивните постапки“, рече постојаната претставничка на САД во ОН, Кели Крафт, во својот говор во Советот за безбедност на ОН.
Крафт, барајќи од Палестина да работи заедно со САД во врска со „мировниот план и визијата“ на администрацијата на Трамп, рече: „Нашиот план не е план кој не може да се промени, тоа е план за отворање, почеток на преговори, не е финален.“
Тврдејќи дека „старите аргументи“ нема да го решат проблемот помеѓу Израел и Палестина, Крафт ја повика меѓународната заедница и Палестина да не го отфрлаат американскиот план.
Четрнаесетте земји во Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), споделувајќи ја загриженоста за кршењето на меѓународното право од страна на Израел со анексијата на окупираниот Западен Брег, упатија повик до израелската Влада да се откаже од овој план.