Dildar Baykan
01 Јули 2021•Ажурирај: 01 Јули 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Со извлекувањето на телата на уште две девојчиња кои ги загубија животите при делумното уривање на 13-катна зграда во областа Сурфсајд во Мајами, американската сојузна држава Флорида, вкупниот број на починати во оваа несреќа се искачи на 18, јавува Агенција Анадолија (АА).
Градоначалничката на округот Мајами-Дејд, Даниела Левин Кава, на организираната прес-конференција соопшти дека биле пронајдени тела на две деца за време на потрагата и спасувањето во остатоците од зградата.
Информирајќи дека станува збор за телата на 10-годишната Луција и 4-годишната Ема Гуара кои се сестри, Кава соопшти дека сè уште нема никакви информации за судбината на 145 лица за кои се смета дека се под урнатините.
„Секоја загуба на живот е трагична во ваков неочекуван и невиден настан, но товарот од загубата на нашите деца е многу потежок“, изјави Кава.
Американскиот претседател Џо Бајден и неговата сопруга Џил Бајден денеска ќе пристигнат во областа каде што се наоѓа зградата, каде ќе се сретнат со семејствата погодени од несреќата и ќе ги следат спасувачките активности на самото место.
- Половина од зградата со 270 луксузни станови одеднаш се урна -
Официјалните претставници на Сурфсајд во преписка со управата на зградата во 2018 година, посочиле дека зградата која потекнува од 1981 година има големи структурни оштетувања, информирајќи дека се потребни приближно 9 милиони долари за поправка на испуканите столбови и бетонот што се распаѓа.
Во местото Сурфсајд, северно од плажата Мајами, со население од приближно 5.600 жители, на 24 јуни одеднаш се сруши дел од 13-катна луксузна зграда со 270 стана.