Selçuk Acar
10 Октомври 2017•Ажурирај: 11 Октомври 2017
ЊУЈОРК (АА) - Најмалку десет лица го загубија животот во шумските пожари што ја зафатија американската сојузна држава Калифорнија и се шират со голема брзина, јавува Anadolu Agency (AA).
Во шумските пожари што го зафатија северниот дел на Калифорнија, а се шират со голема брзина, беа уништени 1.500 куќи и деловни простории, а евакуирани се над 20 илјади лица од регионот.
Гувернерот на Калифорнија, Џери Браун, поради пожарите прогласи вонредна состојба во три административни области, а се очекува да биде прогласена вонредна состојба и во други пет области.
Административните области каде што е прогласена вонредна состојба поради пожарите, кои зафатија 14 различни локации на оваа сојузна држава, се Буте Лејк, Мендосино, Напа, Невада, Оринџ, Сонома и Јуба. Како што пренесуваат пожарникарите, пожарот зафати површина од 10 илјади хектари.
Директорот за шумарство и противпожарна заштита на Калифорнија, Кен Пимлот, пренесе дека 10 лица смртно настрадале во административните области Сонома, Напа и во Мендосино. Тој вели дека голем број лица се повредени, а неколкумина се водат за исчезнати.
- Пожарите го зафатија и јужниот дел на Калифорнија -
Пожарот го зафати и градот Анахејм во административната област Оринџ, која се наоѓа во јужниот дел на Калифорнија.
Исто така, Анахејм Хилс е зафатен од пожар, во кој изгореа голем број куќи во оваа област, а локалните жители се евакуирани.
Сѐ уште не се знае причината за пожарите кои брзо се шират со помош на ветровите, а предивикани се човечки загуби и материјална штета.
Дирекцијата за шумарство и противпожарна заштита на Калифорнија претходно соопшти дека вкупно 1.500 куќи и деловни простории се уништени во 14 пожари во северниот дел на сојузната држава.
Исто така, Националниот метеоролошки завод во Сан Франциско издаде предупредување поради можноста за избивање и ширење на пожар во руралните региони.
Претходно беше соопштено дека пожарите во северниот дел на Калифорнија однесоа два живота, а има и двајца повредени.