Betül Yürük
03 Јуни 2020•Ажурирај: 04 Јуни 2020
ЊУЈОРК (АА) - Суспендираниот полицаец од американската сојузна држава Минесота, Дерек Чаувин, ќе биде обвинет за убиство од втор степен за бруталното апсење во кое почина Афроамериканецот Џорџ Флојд, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Главниот државен обвинител, Кит Елисон, одлучи да го заостри обвинението за убиство од трет на втор степен, а покренува и обвиненија против тројцата други полицајци кои беа на местото на инцидентот“, соопшти сенаторката Ејми Клобучар на Твитер.
Таа наведе дека ова е уште еден важен чекор кон правдата, и дека во наредните часови се очекува на јавноста да ѝ се обрати обвинителот Елисон.
Весникот „Стар трибјун“ (Star Tribune) јавува дека тројцата полицајци кои биле на местото на кобното апсење на Флојд ќе бидат обвинети за соучесништво во убиството.
Претходно, Обвинителството во Минесота соопшти дека Чаувин треба да се појави пред судот на 8 јуни.
Бруталното апсење на Флојд се случи на 25 мај во Минеаполис и предизвика бран масовни протести низ САД во кои демонстрантите го осудуваат полициското насилство и расизмот.
Афроамериканецот Џорџ Флојд (46) беше уапсен во понеделникот во Минеаполис, откако наводно се обидел да користи фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница. Видеоснимките од бруталното приведување беа објавени на социјалните мрежи, на кои се гледа како полицајците му ставаат лисици и го спуштаат на земја, а едниот од нив го притиска коленото врз вратот на Флојд. Тврдеа дека тој се спротивставил на приведувањето.
И покрај тоа што Флојд во неколку наврати рекол дека не може да дише, полицаецот не го кренал коленото од неговиот врат. Набргу потоа Флојд изгубил свест, но полицаецот ја задржал истата положба врз жртвата. Флојд починал набргу откако бил пренесен во болница.