Ekipa
07 Јануари 2017•Ажурирај: 08 Јануари 2017
ФОРТ ЛАУДЕРДАЛЕ (АА) - Според наводите на роднините и безбедносните службеници, воениот ветеран, Естебан Сантијаго, кој вчера отвори оган на аеродромот Форт Лаудердале-Холивуд и уби петмина а осум лица рани, имал ментални проблеми, јавува Anadolu Agency (AA).
Гардискиот портпарол, мајорот Паул Дален изјави дека 26-годишниот Естебан Сантијаго бил во Ирак во 2010 година, како припадник на националната гарда Порто Рика, и дека таму поминал година дена со баталјон за инжинерство.
Хернан Ривер, вујко на осомничениот Сантијаго, истакана дека кога осомничениот се вратил од Ирак не се чувствувал добро.
Последните години Сантијаго живеел во Енкориџ (Алјаска), потврди за американските медиуми неговиот брат Брајан Сантијаго. Тој додаде дека девојката на неговиот брат неодамна ги повикала да ги предупреди за негово лекување.
Полициско официјално лице, кое сакаше да остане анонимно, изјави дека Сантијаго во ноември минатата година дошол во канцеларијата на ФБИ во Енкориџ и се жалел дека владата на САД му го контролира умот и го тера да гледа снимки на ДЕАШ. Агентите се обиделе да разговараат со вознемиреното лице, а потоа повикале полиција која го одвела на проценка на менталното здравје.
Сантијаго вчера извади пиштол на приемот за багаж на аеродромот и почна да пука во луѓето по случаен избор. Во нападот уби петмина а рани осум лица, додека триесетина се полесно повредени во паниката која настанала на аеродромот. По пукотницата Сантијаго беше совладан и уапсен од страна на полицијата.