Rabia İclal Turan
29 Јули 2023•Ажурирај: 01 Август 2023
ВАШИНГТОН (АА) - САД во петокот објавија дека на Тајван ќе му пратат воена помош од 345 милиони долари (313 милиони евра), известува Анадолу.
Ова е првпат официјален Вашингтон на оваа островска држава да ѝ прати опрема од постојните американски воени резерви.
Белата куќа објави дека претседателот Џо Бајден го делегирал американскиот државен секретар Ентони Блинкен да „обезбеди 345 милиони долари воена помош, како и воена едукација и обука, како би му дале помош на Тајван“.
Овој пакет помош следува откако Конгресот на САД одобри милијарда долари воена помош за Тајван под претседателски овластувања за повлекување средства од буџетот за 2023 година.
Кина гледа на Тајван како на своја територија и никогаш не се откажала од стремежот островот да го стави под своја контрола. Владата на Тајван остро се противи на тоа.