Betül Yürük
11 Октомври 2019•Ажурирај: 14 Октомври 2019
ЊУЈОРК (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) и Русија во Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) не ја одобрија осудата за операцијата „Извор на мирот“ којашто ја започнаа турските сили во северна Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Некои земји бараа во ова меѓународно тело да се осуди операцијата, но тоа сепак не го одобрија САД и Русија.
На барање на пет земји членки на Европската Унија во Советот за безбедност на ОН одржана е затворена седница за случувањата во североисточниот дел на Сирија и турската операција „Извор на мирот“.
Германија остро ја осуди операцијата и, како што тврдат дипломатски извори, се обидела и останатите земји преку заедничка декларација да ја осудат турската акција во северниот дел на Сирија.
Сепак, САД и Русија не го одобрија тој предлог, и двете земји во своите соопштенија го избегнаа зборот „осуда“.
По седницата, американската амбасадорка во ОН, Кели Крафт, го повтори претходниот став дека САД не ја поддржуваат одлуката на Турција за операцијата, додавајќи дека Турција се обврзала дека во Сирија нема да се случи хуманитарна криза.
Пет членки на ЕУ, Велика Британија, Германија, Франција, Белгија и Полска, по седницата упатија заедничко соопштение во кое изразија длабока загриженост поради турската операција во Сирија и ја повикаа Анкара да ја прекине операцијата.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера објави дека е започната операцијата „Извор на мирот“, чија цел е да се придонесе кон воспоставување на мирот и безбедноста во северна Сирија, како и да се оневозможи терористичкиот коридор што терористите на ЈПГ/ПКК сакаат да го формираат јужно од границата со Турција.