Gülbin Yıldırım
15 Октомври 2016•Ажурирај: 16 Октомври 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Американското Министерство за транспорт забрани внесување на паметните телефони Самсунг Галакси Ноут 7 од безбедносни причини, јавува Anadolu Agency (AA).
Самсунг претходно повлече 2,5 милиони телефони Галакси Ноут 7 откако десетина нивни уреди се запалија или експлодираа, веројатно поради фабричка грешка.
Во соопштението на американското министерство се наведува дека сопствениците на споменатите телефони нема да можат да ги внесат во авионите на летовите внатре во земјата, со почетна дестинација од САД, или авионите кои летаат кон таа земја без оглед дали станува збор за рачен багаж или не.
„Споменатите уреди нема да бидат префрлени ни по пат на карго” , се истакнува во соопштението, во кое се додава дека одлуката - која се однесува на сите модели Самсунг Галакси Ноут 7 - стапува на сила денес.
Оние патници кои ќе се обидат да ги внесат телефоните ќе бидат парично казнети, а истите ќе им бидат одземени.
Покрај тоа, доколку патниците се обидат да го сокријат телефонот во багажот, против нив ќе биде покрената правна постапка.
„Разбираме дека забраната за внесување на овие уреди одредени патници ќе ги доведе во тешка состојба, но мораме првенствено да мислиме на безбедноста на сите кои се наоѓаат во авионот”.
Се претпоставува дека одлуката следи откако пред неколку дена се запали телефон на патник на авиокомпанијата „Саутвест”.
Самсунг на почетокот од оваа недела најави дека ги повлекува продажбата и производството на Галакси Ноут 7.