Elena Trenchevska Chekovic
19 Декември 2025•Ажурирај: 20 Декември 2025
КАЛИФОРНИЈА (АА) - Пропалестински демонстранти се собраа во пристаништето Оукленд, во американската сојузна држава Калифорнија, со цел да ги попречат операциите и да ги блокираат воените пратки за Израел, јавува Анадолу.
Активистите се собраа пред пристанишните објекти носејќи транспаренти и извикувајќи слогани, барајќи итен прекин на американската воена помош и повикувајќи на слободна Газа. Организаторите изјавија дека блокадата имала за цел да го запре транспортот на оружје и залихи што се користат во тековниот конфликт.
Договорот за прекин на огнот во Газа стапи на сила на 10 октомври, врз основа на план презентиран од американскиот претседател Доналд Трамп, со кој се запира двегодишната израелска војна во која се убиени речиси 70.700 Палестинци, претежно жени и деца, а повредени се повеќе од 171.100 од октомври 2023 година.
Првата фаза од договорот вклучува ослободување на израелските заложници во замена за палестински затвореници. Планот, исто така, предвидува обнова на Газа и воспоставување нов управувачки механизам без Хамас.