Шефот на СЗО: Над 10.600 пациенти евакуирани од Газа, но илјадници сè уште чекаат
- СЗО во повеќе наврати предупреди дека одложувањата и ограничувањата на медицинските евакуации чинат човечки животи, особено кај децата и пациентите со хронични или животозагрозувачки состојби.
ЖЕНЕВА
Повеќе од 10.600 пациенти со тешки здравствени состојби се медицински евакуирани од Појасот Газа од октомври 2023 година, но илјадници други и натаму се заглавени без пристап до животоспасувачка здравствена заштита, соопшти денес генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, јавува Анадолу.
Во објава на платформата на американската компанија за социјални медиуми X, Тедрос наведе дека евакуациите, спроведени од СЗО и нејзините партнери, опфатиле повеќе од 5.600 деца, на кои им е потребен итен и напреден медицински третман што не е достапен во Газа.
„Сепак, уште многу пациенти остануваат во Газа и чекаат евакуација за да добијат соодветна здравствена нега“, истакна Тедрос.
Повикувајќи се на податоци од Министерството за здравство, тој рече дека најмалку 1.092 пациенти починале додека чекале медицинска евакуација во периодот меѓу јули 2024 и 28 ноември 2025 година, предупредувајќи дека оваа бројка е „најверојатно потценета“.
Здравствениот систем во Газа е разорен од тековните израелски напади, сериозниот недостиг од лекови и гориво, како и оштетувањата на болниците и медицинската инфраструктура, поради што многу пациенти немаат пристап до специјализирана нега, како третман на рак, дијализа или сложени хируршки интервенции.
СЗО во повеќе наврати предупреди дека одложувањата и ограничувањата на медицинските евакуации чинат човечки животи, особено кај децата и пациентите со хронични или животозагрозувачки состојби.
Тедрос ги повика земјите да прифатат повеќе пациенти од Газа и побара обновување на медицинските евакуации кон Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим.
„Од ова зависат животи“, порача тој.
- Трето дете почина од хипотермија
Портпаролот на УНИЦЕФ, Рикардо Пиреш, за новинарите изјави дека трето дете починало од хипотермија во Газа поради „ужасните временски услови и студот“.
„Имаме извештаи дека во декември, досега, три деца починале од хипотермија, вклучително и вчера, 29-месечно бебе кое не можело да ја издржи болеста, ниските температури, недостатокот од медицинска инфраструктура, лекови и поддршка неопходни за да преживее, па починало од хипотермија“, рече Пиреш.
Медиумската канцеларија на Владата во Газа во повеќе наврати го обвини Израел дека не ги исполнува обврските од прекинот на огнот од 10 октомври и од хуманитарниот протокол, вклучително и дозволување влез на материјали за засолништа и испорака на 300.000 шатори и монтажни куќи за раселените семејства.
Од октомври 2023 година, Израел уби речиси 70.700 луѓе, главно жени и деца, а повреди над 171.100 други во нападите врз Газа, пред офанзивата да запре со договорот за прекин на огнот што стапи во сила на 10 октомври.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
