Övünç Kutlu
08 Јуни 2021•Ажурирај: 09 Јуни 2021
АНКАРА (АА) - Глобалниот недостиг на полупроводнички чипови ќе претставува значителен предизвик за различни индустриски гранки следната година, изјави американската секретарка за трговија, Џина Раимондо, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„За следната година ова ќе биде секојдневен предизвик“, рече Раимондо, коментирајќи го прашањето за глобалниот недостиг на чипови потребни во различни сектори, од технологиите до автомобилите.
„Ќе сториме сè што можеме за да му помогнеме на приватниот сектор некако да го надмине тоа... ќе го охрабриме приватниот сектор да работи заедно и да стори сè што е во негова моќ за решавање на краткорочната криза“, изјави Раимондо за информативниот канал „Си-ен-би-ес“ (CNBC).
Како што рече, наскоро е можно американскиот Сенат да одобри 52 милијарди долари субвенции за американско производство на чипови, што е дел од поголем закон кој има за цел зајакнување на американската конкурентност со Кина.
Прекинот на работата на фабриките за чипови поради пандемијата на коронавирусот, американско-кинескиот трговски судир, сушата и недостигот на електрична енергија во Тајван придонесоа за недостиг на полупроводници, што негативно влијаеше на околу 170 различни индустриски гранки во светот.