Servet Günerigök
24 Октомври 2022•Ажурирај: 25 Октомври 2022
ВАШИНГТОН (АА) – Соединетите Американски Држави (САД), Франција и Велика Британија го отфрлија тврдењето на Русија дека Украина се подготвува да употреби „валкана бомба“ на своја територија и да ѝ ја префрли вината на Москва, се вели во заедничкото соопштение, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се наведува дека министрите за одбрана на трите земји разговарале со рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, на негово барање, и дека сите ги отфрлиле „провидно неточните наводи на Русија“ дека Киев ќе ја употреби бомбата како провокација.
„Валкана бомба“ е направа за радиоактивно распрснување, односно вид на шпекулативно радиолошко оружје што комбинира радиоактивен материјал со конвенционални експлозиви.
Шојгу ги покрена овие наводи за време на телефонските разговори со неговите колеги од неколку западни земји, вклучувајќи го и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.
„Светот ќе ја детектира вистинската природа на секој обид доколку се користат овие наводи како оправдување за ескалација. Ние дополнително го отфрламе секое оправдување за ескалација кажано од страна на Русија“, се вели во соопштението.
Трите земји ја потврдија и својата цврста поддршка за Украина, нагласувајќи дека „остануваме посветени во поддршката на напорите на Украина да ја брани својата територија онолку долго колку што е потребно“.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен оствари телефонски разговор со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, на кој двајцата претставници разговараа за руските наводи.
Претходно, Остин телефонски разговараше по втор пат оваа недела со Шојгу, за кој Пентагон соопшти дека побарал повторен разговор.
„Секретарот Остин го отфрли секое оправдување за руска ескалација и ја потврди вредноста на континуираната комуникација во услови на нелегитимна и неоправдана војна на Русија против Украина“, нагласи портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Пет Рајдер во соопштение.