Beyza Binnur Dönmez,Burak Dağ
12 Декември 2021•Ажурирај: 13 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Билансот на загинати во торнадата што ја погодија југоисточната американска сојузна држава Кентаки „најверојатно ќе достигне 70 до 100 изгубени животи“, рече гувернерот Енди Бешер, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бешер на прес-конференција истакна дека повеќе окрузи биле зафатени од силни ветрови додека Мејфилд е еден од најтешко погодените градови.
Тој додаде дека невремето го урнало покривот на фабрика за свеќи, што резултирало со голем број жртви.
Претходно, гувернерот изјави дека се верува дека најмалку 50 луѓе ги загубиле животите во торнадата.
Од торнадата особено беше погоден округот Грејвс, во Кентаки, доцна во петокот.
Во меѓувреме, Бешер прогласи вонредна состојба по торнадата и поднесе барање до администрацијата на претседателот Џо Бајден за итно прогласување вонредна состојба на федерално ниво.
Гувернерот истакна дека 181 припадник на Националната гарда се распоредени во погодените зони за пребарување, извлекување и расчистување на остатоците од разрушените објекти и дрвја.
Турција упати сочувство поради смртоносната катастрофа. Во соопштението на турското Министерство за надворешни работи се изразува сочувство до населението и администрацијата на САД и се посакува брзо закрепнување на повредените.