Servet Günerigök
21 Февруари 2022•Ажурирај: 22 Февруари 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден „во принцип“ прифати средба со неговиот руски колега Владимир Путин во случај Русија да не ја нападне Украина, соопшти во неделата Белата куќа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението, портпаролката на Белата Куќа Џен Псаки рече дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров „ќе се сретнат во текот на оваа недела во Европа, под услов Русија да не продолжи со воена акција“.
Највисоките дипломати се очекува да се сретнат на 24 февруари.
„Претседателот Бајден во принцип прифати средба со претседателот Путин, но само доколку не се случи инвазија“, рече Псаки, додавајќи дека тие секогаш се подготвени за дипломатија.
Псаки, исто така, повтори дека САД се подготвени брзо да одговорат, што би имало тешки последици доколку Москва избере војна против поранешната советска република.
„И во моментов, Русија се чини дека продолжува со подготовките за целосен напад врз Украина многу наскоро“, додаде таа.
Псаки истакна дека Вашингтон е „посветен да продолжи со дипломатијата до моментот кога ќе започне инвазијата“.
„Претходно, во текот на денот францускиот претседател Емануел Макрон одвоено разговараше со Путин и Бајден. Состанок меѓу Бајден и Путин беше предложен од Макрон“, соопшти француското претседателство.
„И Бајден и Путин го прифатија принципот на таков самит“, соопштија од Елисејската палата.
Тензиите драстично се зголемија во источна Украина, по зголемениот број на прекршувања на примирјето, повеќекратните инциденти со гранатирање и евакуација на цивилите од проруските сепаратистички региони Доњецк и Луганск.
Западните земји ја обвинија Русија дека распоредила повеќе од 100.000 војници во близина на Украина, предизвикувајќи стравувања дека таа би можела да планира воена офанзива против својот поранешен советски сосед.
Москва постојано негира каков било план за инвазија на Украина и наместо тоа ги обвинува западните земји за поткопување на безбедноста на Русија со проширување на НАТО кон нејзините граници.