свет

САД бараат од Израел да не спроведува разузнавачки операции против Иран

„Иран нема да има нуклеарно оружје, ниту во наредните години, ниту кога било. Тоа е моето ветување, тоа е ветувањето на „Мосад““

Ekipa  | 03.12.2021 - Обновена : 05.12.2021
САД бараат од Израел да не спроведува разузнавачки операции против Иран

КУДС (АА) - Израелските медиуми денеска објавија дека Соединетите Американски Држави (САД) побарале од Тел Авив да не врши разузнавачки операции против Иран за време на тековните преговори меѓу светските сили и Иран во врска со неговата нуклеарна програма, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Израелскиот дневен весник „Једиот ахронот“ објави дека Вашингтон испратил пораки на високо ниво до највисоките израелски безбедносни претставници дека се противи на какви било тајни операции од страна на израелската разузнавачка служба „Мосад“ против Иран, додека преговорите се во тек и со цел да не се нарушат шансите за успех во преговорите.

Исто така, се вели дека шефот на „Мосад“, Дејвид Барнеа, ќе го придружува израелскиот министер за одбрана, Бени Ганц, за време на неговата посета на Вашингтон следната недела за да ги координира напорите со американската страна за Иран.

Барнеа вчера изјави дека „Мосад“ ќе преземе каква било акција која е потребна за да се спречи поседувањето нуклеарно оружје од страна на Иран.

„Иран нема да има нуклеарно оружје, ниту во наредните години, ниту кога било. Тоа е моето ветување, тоа е ветувањето на „Мосад““, објави „Једиот ахронот“, цитирајќи го Барнеа.

Барнеа додаде дека ниту една земја нема потреба од збогатување на ураниумот до ниво од 60 отсто, освен за воени цели, во однос на нуклеарната способност на Техеран.

По петмесечна пауза, Иран и светските сили во понеделникот ги започнаа разговорите во Виена во последен обид за обновување на Договорот за нуклеарната програма од 2015 година, од кој администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп се повлече во мај 2018 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.