Canberk Yüksel
10 Февруари 2017•Ажурирај: 11 Февруари 2017
САН ФРАНЦИСКО (АА) - Федералниот апелационен суд вчера одби да ја врати на сила одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за забрана на влез во САД за жителите од седум мнозински муслимански земји. Одлуката на администрацијата на новиот претседател е отфрлена едногласно, доведувајќи ги во прашање нејзините мотиви и со заклучок дека тешко ќе ги преживее правните предизвици, јавува Anadolu Agency (AA).
Тројца судии на Апелациониот суд во Сан Франциско рекоа дека забраната којашто е насочена кон муслиманите довела до „сериозни обвиненија“ и „претставува значајно уставно прашање“, и оти се сложиле дека судовите треба да ги земат предвид изјавите на Трамп и на неговите советници зошто сакаат да донесат таква забрана.
Неколку моменти по пресудата се огласи и Трамп преку социјалната мрежа „Твитер“, каде што напиша: „Се гледаме на суд. Во прашање е безбедноста на нашата нација“.
Судскиот совет одби да ја блокира претходната одлука на понискиот суд кој ја суспендираше забрана и им дозволи на патниците од седум земји да влезат во САД.