Ali Cura,Erbil Başay
13 Мај 2022•Ажурирај: 15 Мај 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин со германскиот канцелар Олаф Шолц разговараше за војната во Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението од палатата Кремљ, Путин и Шолц во телефонскиот разговор разговарале за ситуацијата во Украина и нејзините хуманитарни аспекти.
Путин на средбата, според соопштението „ја сумира логиката и главните цели на специјалната воена операција во Украина и на мерките преземени за безбедноста на цивилите“.
Исто така, се разговараше за евакуацијата на цивилите од „Азовстал“, со учество на претставници на Обединетите нации и Меѓународната организација на Црвениот крст.
На средбата било разговарано и за преговорите меѓу Русија и Украина, при што било договорено разговорите за споменатите прашања да продолжат по различни канали.
- Германија инсистира на „дипломатско решение“
Портпаролот на германската Влада, Штефен Хебештрајт, истакна дека во 75-минутниот телефонски разговор со Путин, канцеларот Шолц разговарал за тековната војна во Украина и напорите да се стави крај на неа.
„Со оглед на сериозноста на воената ситуација и последиците од војната во Украина, особено во Мариупол, канцеларот инсистира да се постигне напредок за што е можно поскоро прогласување на прекин на огнот, подобрување на хуманитарната ситуација и изнаоѓање дипломатско решение за конфликтот“, рече Хебештрајт.
Портпаролот на германската Влада, исто така рече дека во телефонскиот разговор Шолц ги негирал обвинувањата дека нацизмот е широко распространет во Украина.
Нагласувајќи дека двајцата лидери разговарале и за глобалната ситуација со храната, која е критична поради војната што ја води Русија, Хебештрајт истакна дека Шолц потсетил дека Русија има посебна одговорност во тој аспект.