Alaattin Doğru
17 Март 2022•Ажурирај: 18 Март 2022
АНКАРА (АА) – Новинарката Марина Овсјаникова, која протестираше против руско-украинската војна за време на вечерниот билтен на вести на еден телевизиски канал во Русија, ја одби понудата за азил од францускиот претседател Емануел Макрон, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на БФМ ТВ (BFM TV), Овсјаникова во интервју за германскиот магазин „Дер шпигел“ (Der Spiegel) истакнала дека не сака да ја напушти својата земја.
Новинарката, за одбивањето на понудата од Макрон за азил во Франција, рече: „Јас сум патриот, мојот син е уште поголем патриот. Во никој случај не сакаме да одиме на друго место.“
Наведувајќи дека никој со здрав ум не би ја прифатил оваа војна против братски народ, Овсјаникова за својата реакција рече: „Сакав да покажам дека и Русите се против оваа војна. Голем број луѓе на Запад не го разбираат тоа.“
- Настан
Четириесет и тригодишната Овсјаникова, на телевизискиот канал „Первиј канал“ (Perviy Kanal), еден од руските федерални телевизиски канали, се појави зад спикерот со транспарент на кој пишуваше „Не на војната“. Новинарката беше приведена по нејзиниот протест додека се емитуваа вечерните вести.
Овсјаникова од страна на судот во Москва беше казнета со 30.000 рубли (околу 243 евра) за кршење на Законот за одржување јавни настани.
Новинарката родена во Одеса, чиј татко е Украинец, а мајка ѝ Русинка, истакна дека сака „Русија што побргу да ја прекине војната против Украина“.