Sinan Doğan
17 Март 2022•Ажурирај: 18 Март 2022
БОГОТА (АА) - Нориел Арауз, министерот за поморство на Панама, соопшти дека од почетокот на руско-украинската војна досега со проектили биле нападнати три брода што пловат под знамето на неговата земја, известува Агенција Анадолија (АА).
Давајќи изјава пред новинарите, Арауз информира дека десет брода под знамето на Панама поради војната сè уште не можат да го напуштат Црното Море и додаде „Знаеме дека три брода се нападнати од руски ракети, но целиот екипаж е безбеден. Претрпена е материјална штета. Во постојана комуникација сме со Министерството за надворешни работи.“
Нагласувајќи дека во составот на екипажот на нападнатите бродови има шест украински државјани, Арауз рече: „Во Црно Море има најмалку десет брода под панамско знаме, се обидуваме да ги поддржиме колку што можеме, а знаеме дека има и меѓу 200 и 300 брода од други земји. На бродовите не им е дозволено да го напуштат Црното Море.“
Потенцирајќи дека биле ракетирани бродови што пловеле во меѓународните води на Црното Море, министерот Арауз истакна дека станува збор за бродови превозници на големо, додека еден од нив бил погоден во раните утрински часови на 26 февруари.
Според вестите објавени во панамскиот печат, се тврди дека еден брод се соочува со опасност да потоне, додека другите два брода се сериозно оштетени.
На бродовите вкупниот екипаж изнесува 21 лице.