Elena Teslova
26 Јуни 2022•Ажурирај: 27 Јуни 2022
МОСКВА (АА) - Русија планира да ѝ даде на Белорусија од мобилните балистички ракетни системи со краток дострел „Искандер“, способни да истрелуваат проектили со нуклеарни боеви глави, изјави вчера рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Како што се договоривме со вас, го подигнавте прашањето за ова, ние донесовме одлука. Во следните месеци ќе ги пренесеме тактичките ракетни системи Искандер-М во Белорусија, кои, како што знаете, можат да користат и балистички и крстаречки ракети и во конвенционална и во нуклеарна верзија“, му рече Путин на својот белоруски колега Александар Лукашенко на состанокот во Санкт Петербург.
Путин предложи највисоките одбранбени и воени претставници на двете земји да ги разработат деталите во врска со ова прашање.
Двајцата лидери изразија согласност, по што Лукашенко истакна дека НАТО спроведува тренинг летови на авиони со нуклеарни способности во близина на границите на неговата земја, барајќи помош „за да одговори адекватно“.
Тој побара руска помош за реципрочно да одговори или да ги „адаптира“ белоруските авиони да одговорат на заканата.
Путин истакна дека белоруската Армија има голема група борбени авиони Су-25 кои би можеле да бидат опремени според потребите.
„Тие би можеле соодветно да се надградат. Оваа модернизација треба да се изведе во фабриките за авиони во Русија, но ние ќе се договориме со вас кога да го направиме тоа и кога да започнеме со соодветната обука на персоналот“, рече Путин.
Рускиот претседател истакна дека САД распоредиле околу 200 единици нуклеарна тактичка муниција во шест европски земји, членки на НАТО, повеќето од нив атомски бомби, и дека 257 авиони се подготвени за евентуална употреба на нуклеарни бомби.
Лукашенко објасни дека се плаши да не се повтори ситуацијата од 1941 година кога нацистичка Германија го нападна Советскиот Сојуз без да објави војна, по потпишувањето на пактот за ненапаѓање.
„Не велам дека утре ќе транспортираме или вие ќе транспортирате нуклеарна муниција таму [во Белорусија], но не можеме да бидеме лекомислени, се сеќаваме на 1941 година, кога нè лулаа да заспиеме, сè ќе биде добро, сè е тивко, никој нема да нападне, а потоа... не бевме подготвени за тоа [за нападот]“, рече тој. „Затоа, ова е многу сериозна ситуација за нас, и ова не е првпат да го поставувам ова прашање пред вас.“
Во врска со ова, Лукашенко ја спомена забраната на Литванија за транзит на руска стока до нејзината полуексклава, регионот Калининград, преку Белорусија, што тој го оквалификува како „блиску до објавување војна“.
Лукашенко рече дека многу сериозно го сфаќа она што се случува околу Русија и Белорусија и смета дека е неопходно да се биде подготвен да се брани целиот простор на Русија и Белорусија од граница до граница.
„Не кријам, го подигнав прашањето за да бидеме подготвени на сè, дури и за употреба на најсериозното оружје со цел да ја заштитиме нашата татковина од Брест до Владивосток“, рече тој.
Осврнувајќи се на можната глобална прехранбена криза, Путин рече дека Русија е во комуникација со Обединетите нации (ОН) за испорака на ѓубрива на светскиот пазар.
Тој го покани Лукашенко да ги обедини напорите за да им помогне на „традиционалните партнери“ да ги добијат потребните количини на синтетички нутриенти, неопходни за земјоделството.
Додаде дека минатата година Русија обезбедила 40 милиони тони жито на светскиот пазар, а годинава таа бројка може да достигне 50 милиони тони.