Emre Gürkan Abay
25 Август 2021•Ажурирај: 26 Август 2021
МОСКВА (АА) - Русија е решена да прими околу 1.000 Авганистанци кои поседуваат само руски пасош, работат во Русија, имаат дозвола за престој или студентска виза, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Гхулам Мохамад Џалал, шефот на Авганистанскиот центар за дијаспора во Русија, изјави за РИА „Новости“ дека некои Авганистанци кои се наоѓаат во татковината, сакаат да дојдат во Русија.
Како што изјави тој, голем број Авганистанци веќе испратија барање до Руската амбасада во Кабул.
„Авганистанците кои се пријавуваат се сместени во четири категории. Тоа се оние кои поседуваат руски пасош, оние кои имаат работна дозвола или дозвола за престој и оние кои се студенти во Русија. Русија одобри влез за околу 1.000 поднесувачи на барање“, изјави тој.
Тој појасни дека тие луѓе можат да стигнат во Русија во септември.
„Цивилните летови во Авганистан се запрени до 31 август. Затоа мислам дека не можат да пристигнат пред овој датум“, изјави Џалал.
По заземањето на Кабул на 15 август, талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан, а претседателот и високи функционери ја напуштија земјата.
Многу Авганистанци оттогаш одлучија да побегнат, вклучително и цивили кои им помагаа на странските војници или групи и сега се плашат од одмазда од талибанците.