Elena Teslova
13 Јануари 2023•Ажурирај: 15 Јануари 2023
МОСКВА (АА) - Руското Министерство за одбрана денеска објави дека руските сили го зеле под контрола украинскиот град Соледар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Целосната контрола над Соледар овозможува да се прекине снабдувањето на украинските војници во градот Бахмут и да се блокира Армијата“, изјави портпаролот на Министерството, Игор Конашенков на брифинг со новинарите во Москва.
Конашенков ја пофали улогата на воздухопловните сили и артилеријата во заземањето на Соледар, велејќи дека тие извршиле напади врз Украинската армија, попречувајќи го трансферот на резерви, снабдувањето со муниција и обидите за повлекување на војниците во други линии на одбрана.
„Вагнер груп“, приватна руска воена компанија, во средата тврдеше дека ја презела контролата над целиот град Соледар.
Коментирајќи ја изјавата, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги пофали напорите на групата, но препорача да се чека официјално соопштение од Министерството за одбрана.
Во меѓувреме, портпаролот на Источната група сили на Вооружените сили на Украина, Серхиј Черевати, во ексклузивен коментар за украинската новинска агенција РБЦ - Украина, ја демантира оваа информација на руското Министерство за одбрана.
„Не, тоа не е точно. Во градот се водат борби“, рече Черевати без дополнителни детали.
Соледар се наоѓа во близина на стратешкиот град Бахмут во источна Украина, голем транспортен центар преку кој украинските војници се снабдуваат со оружје, воена опрема и муниција.
Тешките борби за контрола врз Бахмут се водат веќе неколку месеци.