ТОРОНТО (АА) – Повеќе од 2.000 останки се пронајдени за време на радарска претрага на тлото на местото на поранешен црковен интернат во регионот Стар Бленкет Кри Нејшн во Саскачеван, Канада, јавува Агенција Анадолија (АА).
Довршена е првата фаза од радарското истражување на тлото (ГПР), кое неодамна беше започнато на местото на поранешниот Интернат „Лебрет“ во регионот Стар Бланкет Кри Нејшн.
Шефот на проектот за пребарување на тлото на Стар Бленкет, Шелдон Поитрас, за новинарите изјави дека пронајдените останки може да бидат човечки останки, парчиња камен или дрво.
Наведувајќи дека почнале да го скенираат тлото на 2 октомври 2022 година, Поитрас рече дека пронашле фрагмент од коски на вилица за кој се верува дека е стар 125 години и му припаѓа на пет или шестгодишно момче.
„Ова е физички доказ за необележан гроб“, рече Поитрас.
Тој, исто така, соопшти дека за време на потрагата откриле подземни тунели и комори и дека детално ќе ги истражат сите собрани примероци.
Доколку тестот открие дека посмртните останки се делови од човечко тело, Интернатот „Лебрет“ ќе биде училиштето со најмногу нерегистрирани погребувања во Канада досега.
Шефот на локалната администрација во тој канадски град, Мајкл Стар, рече дека верува оти се работи за необележани гробници со човечки останки.
„Денеска ни се тешки срцата, тоа беше многу емотивно патување за сите нас. Ова откритие промени сè, нашиот менталитет, на некој начин го промени нашиот начин на живот“, рече Стар.
- Училиштето беше отворено 114 години -
Интернатот „Лебрет“ се наоѓа во истоименото село, на околу 80 километри североисточно од Реџина, главниот град на Саскачеван.
Училиштето првпат било отворено во 1884 година, а се проширило во 1895 година.
Од 1951 година, тоа е еден од првите интернати што понудија средно образование.
Училиштето имаше висока стапка на смртност, според извештајот на Националната комисија за помирување.
Управата на училиштето тврдеше дека по првите девет години од работењето, испишала 174 ученици, од кои 71 починале, но нема детални информации.
Интернатот „Лебрет“ беше затворен во 1998 година, по 114 години работа.
- Првите гробници се откриени во 2021 година -
Нерегистрирани детски гробници во градина на стар црковен интернат во Канада за првпат беа откриени на јавноста на 29 мај 2021 година, кога во градината на едно училиште во Камлупс, Британска Колумбија, беа пронајдени посмртните останки на 215 деца.
Во јуни 2021 година, во градината на училиштето „Маривал“ во Саскачеван, беа откриени гробови со останки на 751 тело на деца, кои ги немаше во ниту една официјална евиденција.
Остатоците од телата на уште 182 деца беа пронајдени неколку дена подоцна во близина на Училиштето „Свети Јуџин“ во Британска Колумбија.
Локално племе во Пенелакут во истата канадска провинција, исто така, во јули 2021 година објави дека открило останки на 160 деца во необележани гробници во дворот на црковното училиште и Интернатот „Купер“.
Со радарско скенирање на 14 од вкупно 470 хектари на црковното училиште и Интернатот „Свети Џозеф“ во регионот на Вилијамс Лејк Форст, пронајдени се 93 необележани детски гробови.
Студиите спроведени во регионот Кисеекосе во Саскачеван, исто така, откриле 42 необележани гробници во Интернатот „Форт Пели“ и 12 такви гробови на подрачјето на дворот на Црковниот интернат „Свети Филип“.
Уште 14 необележани детски гробови, исто така, беа пронајдени во просторот на Црквата „Гордон“ во Саскачеван.
- Најголемата злоупотреба на деца во канадската историја -
Првиот од црковните интернати, кој се смета за место на најголемата злоупотреба на деца во канадската историја, беше отворен во раните 1880-ти, а последниот затворен во 1998 година.
Во овие училишта, каде што повеќе од 150.000 локални деца од автохтоното население се насилно одземени од нивните семејства, повеќето од децата се малтретирани од свештеници, калуѓерки и други наставници со физичко, сексуално и психичко насилство.
Покрај злоупотребата на деца забележана од Комисијата за вистина и помирување формирана во 2010 година, утврдено е дека некои деца биле подложени на медицински експерименти.
Канадската Федерална влада официјално им се извини на жртвите од она што се случи во црковните интернати, каде што илјадници деца ги загубија животите од глад, студ и болести.