Elena Teslova,Gözde Bayar
04 Мај 2022•Ажурирај: 05 Мај 2022
МОСКВА/КИЕВ (АА) - Руското Министерство за одбрана денеска тврди дека ја оневозможило железничката линија што ја користи украинската војска за да ги снабдува своите војници во Донбас со оружје испратено од Соединетите Американски Држави (САД) и другите западни земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на брифинг со новинарите во Москва, Игор Конашенков, портпарол на Министерството, рече дека руските сили синоќа погодиле и голем број други објекти на воената инфраструктура на Украина.
Според него, во нападите со високопрецизни ракети е уништен фрлач од ракетниот систем „Точка-У“, три системи за наведување од системот С-300, складиште за муниција и девет области на концентрација на воена опрема и жива сила.
„Авијацијата погоди 40 воени објекти, вклучително и понтонски премин, 4 складишта за муниција и ракетно и артилериско оружје, 34 области на концентрација на жива сила и воена опрема“, рече Конашенков.
„Стратешките ракетни сили погодија две командни точки, батерија од повеќекратни лансирни системи БМ-21 „Град“, батерија од самоодни артилериски инсталации 2С1 „Гвоздика“, батерија на хаубици Д-30, како и четири области на концентрација на жива сила и воена опрема“, додаде тој.
Истакна дека артилеријата погодила 476 упоришта на националистичките единици, области на концентрација на жива сила и воена опрема, и дека се елиминирани до 310 припадници на персоналот и 53 единици воена опрема.
„Системите за противвоздушна одбрана соборија девет беспилотни летала и четири ракетни проектили на ракетен систем со повеќекратно лансирање „Смерч““, рече портпаролот Конашенков.
„Вкупно, од почетокот на специјалната воена операција, уништени се 146 авиони, 112 хеликоптери, 706 беспилотни летала, 287 противвоздушни ракетни системи, 2.807 тенка и други оклопни борбени возила, 321 повеќекратен ракетен фрлач, 1.279 теренска артилерија и минофрлачи, 2.609 единици специјални воени возила“, додаде тој.
- Украина тврди дека загинале 24.500 руски војници -
Во меѓувреме, украинската војска денеска соопшти дека од почетокот на војната на 24 февруари досега загинале најмалку 24.500 руски војници.
„Украинските војници уништија 1.077 руски тенкови, 2.610 оклопни возила, 491 артилериски систем, 163 повеќекратни ракетни системи“, се вели во соопштението на украинскиот Генералштаб.
„Украинските сили, меѓу другите вооружени системи, уништија и 194 авиони, 155 хеликоптери, 303 беспилотни летала, 10 поморски бродови“, се додава во соопштението.
Најмалку 3.193 цивили загинале, а 3.353 се повредени во Украина од почетокот на војната со Русија на 24 февруари, според проценките на ОН. Се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Над 5,5 милиони луѓе пребегнале во други земји, а околу 7,7 милиони се внатрешно раселени, покажуваат податоците на Агенцијата за бегалци на ОН.
- Белорусија започна ненадејна проверка на борбената готовност -
Преку соопштение, белоруското Министерство за одбрана најави започнување ненадејна проверка на борбената готовност на Вооружените сили на земјата.
„Целта на проверката е да се процени подготвеноста и способноста на персоналот навремено да реагира на кризни ситуации. Воените единици и подединиците ќе оперираат на непознат терен во средина која брзо се менува“, соопшти Министерството.
Се додава дека групата сили што учествуваат во вежбите, кои имаат „комплексен карактер“, постепено ќе се зголемува.
„Настаните што се одржуваат се една од најефикасните форми на обука на војниците и не претставуваат никаква закана за европската заедница како целина, или особено за соседните земји“, нагласи Министерството.
Предупреди дека вежбата сугерира движење на голем број воена опрема, кое може да предизвика застој на јавните патишта, и побара од возачите и пешаците да бидат „сосема внимателни“ и да ги земат предвид временските услови и видливоста при користењето на патиштата.