Ali Cura
04 Мај 2022•Ажурирај: 05 Мај 2022
МОСКВА (АА) - Министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу, истакна дека карго возилата на земјите членки на НАТО кои носат оружје во Украина, се легитимна цел на руската војска, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шојгу на состанокот со функционерите на Министерството нагласи дека руската војска со офанзивите во Украина, заедно со трупите на таканаречените народни републики Доњецк и Луганск, се проширила на поголема зона која ја има под контрола во Донбас.
Рускиот министер рече дека руските војници презеле сеопфатни мерки со цел заштита на цивилите.
Според него, во конфликтните зони секој ден се применува привремено примирје и се отвораат хуманитарни коридори со цел безбедна евакуација на цивилите.
Шојгу истакна дека градот Мариупол е под контрола на руската војска и дека во градот започнало враќањето во нормалниот живот.
Тој нагласи дека украинските сили кои се наоѓаат во кругот на фабриката за металургија во Азовстал се под опсада.
Осврнувајќи се на возилата на НАТО кои носат оружје во Украина, Шојгу рече: „САД и сојузниците на НАТО продолжуваат со испорачување оружје за Украина. Кое било карго возило на НАТО кое доаѓа со оружје или опрема на територијата на земјата за потребите на Вооружените сили на Украина, е легитимна цел за уништување од наша страна.“
Меѓу другото, Шојгу даде информации за парадата по повод 9 Мај - Денот на победата која ќе се организира во рускиот главен град Москва, истакнувајќи дека на оваа церемонија ќе учествуваат 11.000 војници, 131 вид на оружје и воено-технички возила, 77 авиони и хеликоптери. Шојгу нагласи дека дел од оваа церемонија ќе бидат и разновидни оружја, како ракетни фрлачи.
Рускиот министер информира дека по овој повод во 28 руски градови ќе бидат организирани церемонии, на кои, според него, ќе учествуваат вкупно 65.000 војници, 2.400 видови оружје и воено-технички возила, 460 авиони и хеликоптери.