Ali Cura
19 Мај 2022•Ажурирај: 20 Мај 2022
МОСКВА (АА) - Игор Конашенков, портпаролот на руското Министерство за одбрана, изјави дека 1.730 украински војници се предале од подрачјето на металуршкиот комплекс „Азовстал“ во Мариупол во последните три дена, јавува Агенција Анадолија (АА).
Конашенков даде изјава во врска со активностите на руските воени единици во војната во Украина.
Информирајќи за состојбата на украинските војници засолнети во Металуршкиот комплекс „Азовстал“, Конашенков истакна: „Во последните 24 часа се предадоа 771 припадник на Баталјонот „Азов“. Од 16 мај досега се предадоа вкупно 1.730 борци, од кои 80 ранети.“
Конашенков истакна дека ранетите војници биле лекувани во болницата во Новоазовск.
Истакнувајќи дека офанзивата на Руската армија во Украина продолжува, Конашенков соопшти дека 7 командни центри, 11 магацини и области каде што се наоѓаат воени и технички возила на Украинската армија биле погодени со ракети воздух-земја со висока прецизност.
Тој информира дека се уништени некои делови од ракетните системи за противвоздушна одбрана, С-300 во регионот на Миколаев и некои делови од ракетните системи за противвоздушна одбрана, Бук-М1 во Доњецк.
Соопштувајќи дека руските воздухопловни борбено-тактички единици погодиле 340 припадници на националистичките вооружени сили во 58 региони, Конашенков додаде дека уништиле 15 украински беспилотни летала во регионите Харков и Херсон.
„До денеска се уништени 172 авиони, 125 хеликоптери, 942 беспилотни летала, 313 ракетни системи за противвоздушна одбрана, 3.158 тенка и оклопни возила, 395 повеќецевни ракетни фрлачи, 1.562 хаубици и минофрлачи, 3.026 специјални воени возила на Украина“, информира Конашенков.