Mohamad Misto,Adham Kako
07 Мај 2020•Ажурирај: 08 Мај 2020
ДЕРА / АНКАРА
- МОХАМАД МИСТО
Русија, своите платеници при режимот на Асад ќе ги префрли во Либија за да се борат на страната на Калифа Хафтар, лидерот на нелегитимните вооружени сили на источниот дел на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Руските платеници кои досега се бореа на страна на режимот на јужниот дел на Сирија, ја прифатија новата мисија за која месечно ќе добиваат по 1.000 американски долари.
Според локалните извори, Русија, која во Сирија го поддржува режимот на Асад, сега со своите платеници сака да го зајакне и фронтот на Калифа Хафтар.
Еден од руските заповедници во Сирија во текот на изминатите две недели одржа неколку состаноци со платениците кои му служат на режимот на Асад на подрачјето на Дера.
Русите им понудија на платениците по 1.000 американски долари и договор на три месеци, што од една група на платениците беше одбиено, додека другата група ја прифати оваа понуда.
Платениците кои ја прифатија понудата на рускиот официјален претставник почнаа да собираат уште повеќе воини на подрачјето Дера кои ќе се борат за пари.
Групата платеници кои ќе се борат на страната на Калифа Хафтар, ќе бидат подложени на забрзана обука во руските кампови во Сирија.
Русија и минатиот месец склучи договор со околу 400 платеници кои служат на режимот на Асад на сириската граница со Израел во местото Кунејтра.
Група платеници од Кунејтра, по завршувањето на забрзаната обука ќе бидат префрлени во Либија.
Таканаречената Национална војска на Либија на Хафтар ја поддржуваат и припадниците на суданската група платеници „Џанџавид“, како и голем број други платеници како што се припадниците на бунтовничките групи од Чад и платеници на руската група „Вагнер“.