Elena Teslova
08 Декември 2022•Ажурирај: 09 Декември 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека Соединетите Американски Држави (САД) планираат да го подгреваат конфликтот во Украина најмалку до крајот на 2025 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
На брифингот со новинарите во Москва, Захарова истакна дека таков заклучок може да се извлече од документите објавени од американските власти. Кон крајот на ноември тие потпишаа тригодишен договор вреден 1,2 милијарди долари со аеровселенскиот конгломерат „Рејтеон“ (Raytheon) за купување системи за противвоздушна одбрана за Киев.
Портпаролката истакна дека американската администрација побарала 37 милијарди долари за 2023 година за дополнителна помош за Украина, додавајќи дека дури и американските медиуми „ги имаат деталите за корупцискиот маратон: Бела куќа - Киев - Бела куќа“.
Захарова рече дека Москва очекува значителен дел од оваа сума да оди за потребите на украинската Армија, а остатокот ќе „легне на сметки“ во европските и светските банки и приватните фондови.
Претходно, комисиите на двата дома на американскиот Конгрес се договорија за Нацрт-буџетот за одбраната за следната година, а документот предвидува трансфер на најмалку 800 милиони долари наменети за Украина.