Haydar Şahin
08 Декември 2022•Ажурирај: 13 Декември 2022
ТЕХЕРАН (АА) - Организацијата за човекови права на Иран (ИХР), со седиште во Норвешка, соопшти дека бројот на лица кои го загубиле животот како резултат на интервенцијата на безбедносните сили врз протестите кои започнаа по смртта на Махса Амини, се искачи на 458, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот објавен на веб-страницата на ИХР се вели дека 29 од загинатите се жени, додека 63 се на возраст под 18 години.
Извештајот вклучува податоци од 26 покраини во земјата, додека најмногу смртни случаи се случиле во покраината Систан-Белуџистан, главно населена со сунити.
Смртта на 22-годишната Махса Амини на 16 септември, на која ѝ се слоши и беше хоспитализирана откако беше запрена на 13 септември од Патролите на Иршад, познати како „Полиција на моралот“ во Техеран, предизвика протести против Владата на земјата во Иран.
Од друга страна, иранските власти тврдат дека бројот на загинати е над 200, тврдејќи дека жртвите не ги убиле безбедносните сили, туку „провокатори“.
Според вестите на иранските медиуми, над 60 припадници на безбедносните сили ги загубиле животите за време на протестите.
Меѓу другото, Иран го егзекутира првиот затвореник осуден за злосторства извршени за време на тековните национални протести, што е прва таква смртна казна извршена во земјата.
Наредбата за егзекуција за Мохсен Шекари, според Иранската новинска агенција „Мизан“, поврзана со судството, била издадена откако тој се заканувал на граѓаните со ладно оружје и повредил чувар за време на протестите на улицата „Сетар Кан“.