Emre Gürkan Abay
07 Март 2022•Ажурирај: 08 Март 2022
МОСКВА
Русија соопшти дека прогласи привремен прекин на огнот од 10:00 часот по московско време за евакуација на цивилите од украинските градови Киев, Мариупол, Харков и Суми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение на Меѓуресорскиот координативен центар за хуманитарна интервенција во Украина, кој е дел од руското Министерство за одбрана, се наведува дека хуманитарната ситуација во Киев, Мариупол, Харков и Суми е крајно влошена.
Во соопштението исто така се истакнува дека и францускиот претседател Емануел Макрон, од рускиот претседател Владимир Путин побарал отворање на хуманитарни коридори.
„Руската армија прогласува привремен прекин на огнот од 10:00 часот по московско време за евакуација на цивилите од градовите Киев, Мариупол, Харков и Суми“, се нагласува во соопштението.
Во продолжение се наведува дека хуманитарните коридори што треба да се отворат ќе бидат набљудувани од беспилотни летала и дека за тоа се информирани релевантните единици во Обединетите нации, Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и Црвениот крст.
„Бараме Украина да ги исполни сите услови за создавање хуманитарни коридори во наведените насоки и да обезбеди организиран излез на цивили и странски државјани“, се нагласува во соопштението.