свет

Русија потврди дека Истанбул останува местото за мировните преговори со Украина

- „Што се однесува до датумот на следната рунда директни руско-украински преговори, тоа ќе биде одредено од шефовите на делегациите“

Elena Teslova  | 26.06.2025 - Обновена : 26.06.2025
Русија потврди дека Истанбул останува местото за мировните преговори со Украина

МОСКВА (АА) - Истанбул останува местото за преговори меѓу Москва и Киев, потврди денес портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, јавува Анадолу.

Одговарајќи на прашањето на Анадолу на прес-конференцијата во Москва, Захарова рече дека времето за следната рунда ќе го одредат шефовите на делегациите.

„Тргнуваме од претпоставката дека Истанбул останува местото. Што се однесува до датумот на следната рунда директни руско-украински преговори, тоа ќе биде одредено од шефовите на делегациите“, рече таа.

Захарова, исто така, ѝ се заблагодари на Турција за нејзиното гостопримство и континуирано олеснување на процесот на преговори.

По две рунди преговори во Истанбул во мај и јуни, Русија и Украина се согласија за размена на затвореници врз основа на формулата „илјада за илјада“, како и за враќање на тешко болните и млади војници под 25 години.

Во посебна изјава, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека по завршувањето на сите процедури поврзани со размената на затвореници според договорите од Истанбул, „ќе биде време за утврдување на датумите за третата рунда“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.