Elena Teslova
27 Мај 2019•Ажурирај: 28 Мај 2019
МОСКВА (АА) - Русија ќе продолжи да ја брани својата позиција во однос на запленувањето на бродовите на украинската Морнарица и нејзиниот персонал во Керченскиот Теснец против одлуката на Обединетите нации за нивно ослободување“, соопшти денес Кремљ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Москва не смета дека Конвенцијата на ОН за поморско право од 1982 година е применлива за настанатата руско-украинска конфронтација минатиот ноември во Керченскиот Теснец“, изјави портпаролот Дмитриј Песков за новинарите во Москва.
Русија заплени два брода на украинската Морнарица и еден реморкер, како и 24 членови на екипажот во теснецот на источната точка на Кримскиот Полуостров, на кој Русија полага право.
„Во случајот со Керченскиот Теснец, Конвенцијата за поморското право од 1982 година не е применлива, нашето Министерство за надворешни работи веќе го објасни ова во детали. Руската страна ќе продолжи да ја брани својата гледна точка во врска со ова“, рече тој.
Минатата недела, Меѓународниот суд на ОН за поморското право пресуди дека Русија треба да ги ослободи 24-те украински морнари и да ги префрли трите конфискувани бродови во Украина. Судот ги повика двете страни да избегнуваат чекори што би можеле дополнително да ја влошат ситуацијата.
Покрај тоа, Судот донесе одлука дека Москва и Киев треба да му обезбедат на Судот извештаи за инцидентот во Керченскиот Теснец до 25 јуни.