Mahmoud Barakat
27 Мај 2019•Ажурирај: 28 Мај 2019
РАМАЛА (АА) - Палестинското Министерство за надворешни работи денес го поздрави откажувањето на Чешка од намерата за преместување на нејзината амбасада од Тел Авив во Ерусалим, пренесува Anadolu Agency (AA).
Преку соопштение, Министерството ја пофали чешката посветеност на меѓународните резолуции и на меѓународното право.
Во саботата, чешкиот премиер, Андреј Бабиш, повтори дека нема да се премести чешката амбасада од Тел Авив во Ерусалим, наведувајќи дека овој потег би бил во спротивност со ставовите на Европската Унија и на Обединетите нации.
Минатата година, чешкиот претседател Милош Земан вети преместување на Амбасадата во Ерусалим, за време на неговото обраќање пред израелскиот Кнесет (Парламент).
Израел се обидува да ги убеди светските земји да ги преместат своите амбасади од Тел Авив во Ерусалим.
Досега, официјално своите амбасади во Ерусалим ги преместија Соединетите Американски Држави (САД) и Гватемала.
Ерусалим останува во срцето на долгогодишниот конфликт на Блискиот Исток, со надежта на Палестинците дека можеби еден ден Источен Ерусалим, инаку окупиран од Израел од 1967 година наваму, ќе стане главен град на една независна палестинска држава.