Burç Eruygur
04 Јануари 2023•Ажурирај: 06 Јануари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Русија утринава соопшти дека главната причина за ракетните напади со ракетните фрлачи ХИМАРС од американско производство врз зоната на стационирање на руските трупи во близина на градот Макиивка во Доњецк, источна Украина, е масовната употреба на мобилни телефони од страна на воениот персонал, и покрај забраната, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во моментов, комисија работи на испитување на околностите на инцидентот. Но, веќе е очигледно дека главната причина за тоа што се случи е вклучувањето и масовното користење мобилни телефони од персоналот во опсегот на непријателското оружје,“ се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана објавено на Телеграм.
Во соопштението се наведува дека тоа им овозможило на украинските сили да ги одредат координатите на локацијата на воениот персонал за лансирањето на ракетниот напад.
„Во моментов се преземаат неопходните мерки за да се спречат слични трагични инциденти во иднина. Како резултат на истрагата, виновниците ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, се додава во соопштението.
Исто така, се наведува дека регистрираниот биланс на загинати од ракетниот напад се искачил на 89 по анализата на местото на експлозијата.
„За време на анализата на урнатините од армирано-бетонските конструкции, бројот на нашите соборци кои загинаа се искачи на 89“, се вели во соопштението.
Потсетувајќи дека четири проектили ја погодиле зградата каде што бил стациониран рускиот воен персонал, во соопштението се истакнува дека системот ХИМАРС бил уништен со возвратен оган.
„Исто така, како резултат на ракетните и воздушните напади врз акумулацијата на воена опрема во областа на железничката станица „Дружкивка“... уште четири повеќекратни ракетни фрлачи ХИМАРС, четири повеќекратни ракетни фрлачи РМ-70, повеќе од 800 ракети и осум возила беа уништени“, се вели во соопштението, во кое се тврди дека загинале над 200 украински војници.
Руското Министерство за одбрана вчера соопшти дека два ракетни фрлачи ХИМАРС од американско производство биле уништени во руските напади во близина на градот Краматорск, додека други два ХИМАРС биле уништени во Дружкивка, во регионот Доњецк.
Во понеделникот, Министерството првично соопшти дека во ракетните напади кај Макиивка загинале 63 руски војници.
Одделот за стратешки комуникации на Украинската армија доцна во неделата нагласи дека речиси 400 руски војници загинале во нападите во Макиивка.
Во соопштението се истакнува и дека дополнителни 300 руски војници биле ранети со различен степен на сериозност.