Dmitri Chirciu
06 Април 2022•Ажурирај: 07 Април 2022
МОСКВА (АА) - Руското Министерство за одбрана соопшти дека повеќе од 620.000 Украинци се евакуирани од „опасните подрачја“ во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Околу 18.600 луѓе, меѓу кои 2.837 деца, се евакуирани од опасните подрачја на земјата во Русија во последните 24 часа, а до денеска се евакуирани вкупно 620.760 лица, меѓу кои 122.684 деца, изјави генерал-полковник Михаил Мизинцев, директорот на Рускиот национален центар за управување со одбраната“, се вели во соопштението.
Мизинцев рече дека обезбедуваат хуманитарни коридори за евакуација на цивили од украинските градови Харков и Мариупол секој ден, почнувајќи од 10 часот по московско време (07:00 GMT).
Тврдејќи дека Руската армија го почитувала примирјето на овие точки, тој вели дека евакуацијата на цивилите од Мариупол била спречена од Украина.
Војната на Русија во Украина, која започна на 24 февруари, предизвика меѓународен гнев, при што Европската Унија, САД и Велика Британија, меѓу другите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Досега, според податоците на ОН, во Украина загинале најмалку 1.480 цивили, 2.195 се повредени, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, повеќе од 4,24 милиони Украинци побегнале во други земји, со уште милиони внатрешно раселени.