свет

Русија испрати над 29 тони хуманитарна помош за Газа

20-тата серија хуманитарна помош денеска со специјален лет била доставена до претставниците на египетската Црвена полумесечина во градот Ел-Ариш, кои потоа ќе ја пренасочат помошта на жителите од Газа

Burç Eruygur  | 27.03.2024 - Обновена : 28.03.2024
Русија испрати над 29 тони хуманитарна помош за Газа

ИСТАНБУЛ (АА) - Русија денес објави дека испратила повеќе од 29 тони хуманитарна помош во опколениот Појас Газа, каде што од 7 октомври минатата година се убиени повеќе од 32.400 Палестинци, а околу 74.800 се повредени, пренесува Анадолу.

Во соопштението на руското Министерство за вонредни ситуации на Телеграм се наведува дека 20-тата серија хуманитарна помош денеска со специјален лет била доставена до претставниците на египетската Црвена полумесечина во градот Ел-Ариш, кои потоа ќе ја пренасочат помошта на жителите од Газа.

Министерството претходно соопшти дека хуманитарната помош се состои од жито, брашно, шеќер и други производи за долгорочно складирање, како и средства за лична хигиена, од кои повеќето се собрани на иницијатива на властите на Руската Република Карачај-Черкезија.

„Од почетокот на хуманитарната мисија, вкупно 20 летови на руското Министерство за вонредни ситуации испорачале повеќе од 480 тони товар“, се наведува во соопштението.

Израел спроведува смртоносна воена офанзива на палестинските територии по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври.

Повеќе од 32.400 Палестинци оттогаш се убиени, а речиси 74.800 се повредени во услови на масовно уништување и недостаток на неопходни работи.

Според податоците на Обединетите нации, војната принуди 85 отсто од населението на Газа на внатрешно раселување, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а поголем дел од инфраструктурата на енклавата е оштетен или уништен.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој со привремената одлука во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за да гарантира хуманитарна помош за цивилите во Газа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.