Afra Aksoy
29 Мај 2018•Ажурирај: 29 Мај 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел и Русија постигнаа договор силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад да ја вратат контролата над јужните погранични региони на Сирија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Израелската телевизија „Канал 10“ јавува дека делегациите од Москва и Тел Авив постигнале договор режимските сили да воспостават контрола над сирискиот регион на границата со Израел, но на тоа подрачје да нема странски елементи, вклучувајќи ги и иранските сили и либански Хезболах.
Истиот извор јавува дека Израел ја задржал слободата да интервенира во Сирија во случај на закана по неговата национална безбедност.
Со постигнатиот договор наводно е согласен и режимот на Асад, но досега нема официјални потврдувања на наводите на израелските медиуми.
Утре израелскиот министер за одбрана, Авигдор Либерман, ќе патува во посета на Москва и за ситуацијата во Сирија ќе разговара со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.
Лавров вчера изјави дека во јужниот пограничен регион на Сирија треба да бидат ангажирани исклучително сириските безбедносни сили, што е на трага на руско-израелскиот договор, чија официјална потврда се очекува допрва.