Dmitri Chirciu
12 Декември 2023•Ажурирај: 12 Декември 2023
МОСКВА (АА)
Ветото на САД минатата недела на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) со која се бараше итен хуманитарен прекин на огнот во Појасот Газа значи „продолжување на крвопролевањето“, објави Русија вчера, известува Анадолу.
Повеќе од 18.000 Палестинци се убиени во израелските напади на Појасот Газа, а минатиот петок САД ставија вето на резолуцијата со која се бараше итен хуманитарен прекин на огнот.
„Тоа, всушност, значи дека страшното крвопролевање и катастрофалните уништувања ќе продолжат да се случуваат и понатаму поради одлуката на една држава“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Русија.
За нацрт-резолуцијата, која ја иницираа повеќе од 90 земји, вклучително и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Туркије, се гласаше на итна седница на Советот за безбедност на ОН.
Тринаесет членки на Советот за безбедност гласаа „ЗА“, Велика Британија беше воздржана, а САД стави вето на резолуцијата.
- Израелски напади на Појасот Газа
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември, во 07:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1 декември (петок), по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени приближно 18.205 Палестинци, а ранети се над 49.645 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.